Браќа Манаки – Интернационален фестивал на филмска камера

Мислења
767
Допаѓања
10
Поени
18
Автор на оваа тема #1

Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските професионалци на Македонија (кое годинава ја одбележува и својата 65-годишнина),а во соработка со градот- домаќин Битола и Кинотеката на Македонија. Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата МАНАКИ: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964, кому воедно годинава му одбележуваме и 135 години од раѓањето). Со тоа природно биле удрени темелите на идниот фестивал, во градот под Пелистер, Градот на конзулите – Битола, каде што браќата Манаки имале фотографско студио и кино.

На почетокот замислен како Манакиеви средби, а потоа и фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, фестивалот растеше со голем потенцијал, а по независноста на Република Македонија, прогласена на 8 септември 1991, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалски награди: Златната, Сребрената и Бронзената камера 300.

Така, Битола стана мека на најдобрите светски директори на фотографија, откривајќи многу нови таленти кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинестетика, закитени со наградите на нашиот фестивал, а паралелно овенчани и со славата на оскаровци кои низ годините шетаа по улиците на Битола, која ја сметаат за свое уметничко гнездо.

Покрај плејадата лауреати на наградите од Официјалната конкуренција-КАМЕРА 300, фестивалот „Браќа Манаки” е горд и на својот КЛУБ НА ВЕЛИКАНИТЕ, во кој влегуваат најголемите светски мајстори на филмската камера/фотографија, кои станаа добитници на двете почесни врвни награди: „Златната камера 300“ за животно дело и „Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност”.


 
Мислења
767
Допаѓања
10
Поени
18
Автор на оваа тема #2
Годинава се одржува во период од: 22-29 септември.

Некој ќе оди?
 
Мислења
767
Допаѓања
10
Поени
18
Автор на оваа тема #3
Во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани речиси 95 филма на претстојниот 39-от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој под слоганот „Симнуваме капа“ ќе се одржи од 22 до 29 септември.

Во главната програма за трите награди „Камера 300“ (златна, сребрена и бронзена) за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат 12 филма по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД, „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.
Фестивалот во Битола на 22 септември ќе биде отворен со новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи. Првата фестивалска вечер ќе продолжи со проекција на „Истребувач 2049“ во чест на оскаровецот Роџер Дикинс, годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, кој токму за овој филм го доби „Оскарот“ по 13 номинации.
Во чест на вториот годинашен лауреат, италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими специјалната награда „Златна камера 300“, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“. По неодамнешната премиера во Венеција, во Битола ќе биде прикажан и документарниот филм „Живеење со светлината“ за кинематограферот Роби Милер, кој беше лауреат пред две години, а почина во јуни годинава.

Фестивалот на 29 септември ќе заврши со доделување на наградите од главната програма, а за затворањето ќе биде прикажан краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков, кој живее во САД.
Директорката на „ Манаки“, Евгенија Теодосиевска, рече дека од април интензивно работат на подготовката на фестивалот, кој покрај познатите филмски програми годинава ќе има и нова – „Полноќен јавач“ во селекција на Микеле ди Анџелис. Ќе има полноќни проекции на филмски класици – мајстори на хоророт.
Во програмата документарни филмови, селектирани од Теодосиевска и Марија Џиџева, ќе има осум филма, меѓу кои новиот филм на Вим Вендерс – интригантен филмски портрет на папата Франциск, ЦЕРН – филм за врската меѓу убавината и науката, „Крв и песок“ со дискусија за мигрантската криза…
Кратките филмови се по избор на Даријан Пејоски и Марија Апчевска и во оваа програма ќе има девет остварувања од осум земји. Седум филма ќе има во програмата „Перспективи на европскиот филм“ во селекција на Слаѓан Пенев, а во ревијалната програма „МК поинт“ во селекција на Ана Василевска ќе има 20 филма – кратки, документарни и анимирани од македонската продукција.
Петти добитник на наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија е актерката Милица Стојанова, која ќе ја прими на отворањето на фестивалот на 22 септември.